Професијата како предизвик и идна егзистенција
Објавено на: 19.03.2010
Минатата недела се потврди дека „Мојата идна професија“ е корисен и добро прифатен проект, од страна на учениците кои очекуваат дека ќе им помогне да добијат комплетна слика за професијата за која се одлучиле. И овој пат гостите беа интересни и оставија добар впечаток кај присутните. Гости на заинтересираните учениците од IV година им беа: д-р Марина Каровска, специјалист анестезиолог; д-р Весна Пемова, специјалист дерматовенеролог; д-р Горан Апостолски, специјалист по ортодонција и проф. д-р Ристо Еленов.
Д-р Марина Каровска е специјалист по анестезиологија. Им опиша на присутните ученици за дел од своите искуства и како студент, и како доктор. Притоа ја нагласи голема одговорност што ја носи оваа професија во која одлуките се носат во дел од секундата и тоа понекогаш е пресудно за животот на пациентот. Им посака успешна кариера на учениците и им порача да се обидат нивните имиња да бидат почитувани и препознатливи по добри дела.
Д-р Весна Пемова, специјалист дерматовенеролог, раскажа за нејзините средношколски и студентски денови и им порача на матурантите да бидат истрајни ако сакаат да ги остварат своите цели, да го завршат факултетот (ако се одлучат за студии по медицина) и покрај тоа што бара многу одрекувања. Со желба и помош од блиските се може да се постигне, потребно е само трудољубивост и амбициозност, а другото ќе си дојде само по себе.
Д-р Горан Апостолски, специјалист по ортодонција, ја поздрави идејата и иницијативата за овој проект и им кажа дека во негово време недостасувале дебати од овој тип. Најпрво им порача да не учат премногу, туку да им остане време и за слободни активности. Кога тој бил средношколец голем дел од времето го поминувал со музика и спорт, но и покрај тоа бил одличен ученик. Ја сакал математиката, сепак пресуден бил советот на неговиот татко да стане стоматолог. Денес воопшто не се кае што го послушал татко му, се повеќе се усовршувал и ги надоградувал знаењата со магистарските студии.
Проф. д-р Ристо Еленов,завршил Земјоделски факултет, а потоа магистрирал и докторирал, денес е професор на Земјоделскиот факултет во Скопје и директор на Агропин. Изјави дека би бил добар избор за учениците ако се определат за Земјоделскиот факултет, бидејќи Кавадарци е земјоделски крај каде би можеле да најдат егзистенција со оваа професијата. Им порача на учениците да одберат професија која ќе им блиска, но да внимаваат, сепак тоа да биде перспективна насока која ќе им овозможи добра заработувачка.
Учениците се интересираа во врска со одговорноста која ја носи секоја професија, тешкотиите при студирањето, додека пак гостите подготвено одговораа на секое поставено прашање.
За еден дел од учениците сигурно дека ниту долгогодишното учење, ниту новата терминологија, ниту стресните ситуации нема да претставуваат пречка за да се одлучат токму за Медицинскиот факултет.