Прва работилница од Еразмус+ проектот European DIGI-CLASS во Словачка


Објавено на: 26.11.2021

Во периодот од 15.-19.11.2021 г. СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци учествуваше на првата работилница во Словачка во рамките на Еразмус+ проектот European DIGI-CLASS. Работилницата се одржа во Средното училиште Stredna priemyselna skola Povazska Bystrica, во Повашка Бистрица, Словачка и на неа учествуваа Директорката на училиштето Јасминка Чулева и Христинка Косовска, проф. по латински јазик.  Покрај учесниците од Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци, присуствуваа и учесници од училиштата партнери во проектот Colegiul Tehnic Edmond Nicolau Focsani  од Фокшани, Романија, 15 Temmuz Sehitler Anadolu Lisesi  од Кастамону, Турција, ITIS Polo Tecnico Fermi-Gadda од Неапол, Италија и Budapesti Komplex Szakképzési Centrum Pogány Frigyes Szakgimnáziuma од Будимпешта, Унгарија.

За време на работилницaтa, учесниците ги претставија училиштата, градот и земјата од која доаѓаат, како и своите образовни системи, а исто така и презентираа презентации и видеа како примери за нивната добра практика. Училиштето домаќин го претстави училиштето и условите за настава, а учесниците имаа можност да посетат часови.

Еразмус+ проектот European DIGI-CLASS има цел партнерските училишта да ги подобрат технолошките компетенции на учениците и професорите и да развијат интерактивни извори кои ќе бидат подготвени со овој проект, со кои ќе се зголеми интересот и успехот на учениците. Во времетраењето на овој проект ќе се подготват интерактивни материјали за наставните предмети со користење на веб алатки кои активно ќе се применуваат на часовите.

Со овој проект се цели кон влијание кое ќе биде промена на ставот и подобри вештини за изработка на материјали за учење прилагодени на потребите на учениците и нивните желби. Потенцијалните долгорочни придобивки ќе бидат промена на ставот на учениците за учење, а професорите да избираат нови методи, да ги модернизираат своите предавања, па секое од шесте училишта партнери во овој прект да стане пример за нивните заедници.