Саем на книгата и Денови на образование и кариера


Објавено на: 16.04.2010

И оваа година се одржува 22. Саем на книгата, кој ќе трае од 13 до 18 април во арената „Метрополис“. Влезот чини 30 денари, за организирани посети на ученици и студенти е 20 денари, а  бесплатен е за деца до седум години и за пензионери.

SaemNaKnigata2

Голем број ученици од нашата Гимназија покажаа интерес да го посетат Саемот на книгата, па затоа беше реализирана организирана посета за учениците, од професорите по македонски јазик и литература. При разгледување на штандовите во Саемот, учениците покажаа голем интерес кон изданијата од најновата книжевна продукција, стручната и научна литература, белетристика, едукативните книги и прирачници, лексикографските книги, атласи, училишен прибор…Од македонските книжарници свои штандови имаа Три, Табернакул, Матица, Просветно дело, Магор, Феникс и други.

SaemNaKnigata1

На Саемот беа најавени промоции на книги, литературни читања и средби со писатели, а и оваа година во рамки на саемската манифестација Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ ќе додели награди за најдобри изданија меѓу двата саема, како и награди за најдобар библиотекар и најдобар книжар.

SaemNaKnigata3

Во втората саемска хала од 14 до 16 април се одржуваат и Денови на образование и кариера. Годинашниве Денови на образование и кариера се одржуваат под мотото „Образованието – влог за иднината”. Манифестацијата се организира за да им овозможи на младите луѓе професионално да се насочат и да им го олеснат изборот на студии. На нивните штандови идните студенти можат да ги добијат сите информации поврзани со студирањето и финансирањето на студиите. Во трите саемски дена ќе има и шеесетина презентации на кои високообразовните институции ќе ги претстават своите програми.

SaemNaKnigata4

Во рамки на Деновите на образование и кариера ќе бидат одржани и предавања, тркалезни маси и работилници од сферата на едукацијата, мобилноста, интеграцијата во ЕУ, со претставници од образовни институции, Министерството за образование и наука и од бизнис-секторот.

SaemNaKnigata5