Совети за подобро здравје и подобар имунитет
Објавено на: 26.03.2020
Почитувани ученици,
Текстот што следува подолу е само еден вид на потсетување за сето она што треба сите да го правиме постојано, а посебно во овој период кога држвата ја зафати вирусот КОВИД-19.
Ова што ќе го прочитате на сите нас ни е веќе одамна познато,како од семејното воспитување, така и од следење на медиумите, од информации преку интернет, но добро би било уште еднаш да се потсетиме за нашето здравје.
Совети за подобро здравје и подобар имунитет
Општо е познато дека превенцијата е секогаш подобра од било кој лек. За нашиот организам да се бори против настинките, грипот, вирусите и бактериите, кои се кријат буквално насекаде околу нас, потребно е да имаме силен имунолошки систем. Токму затоа, во прв план треба да го јакниме нашиот имунитет, за кој што знаеме дека нашето здравје зависи токму од него.
Иако тој, е условен од генетиката, влијанието на животната средина, здравиот начин на живот, како и здравата исхрана, не смеат да се занемарат. Фактори кои го загрозуваат имуниот систем се: лошата исхрана, конзервирана храна, големо количество на маснотии, стресот, никотинот, алкохолот, …
За зајакнување на имунитетот неопходни се здрави навики, правилна исхрана, доволно сон, редовно одмарање, секојдневни физички активности, одржување на личната хигиена и хигиената на просторот.
Да се потсетиме на некои совети за подобро здравје и подобар имунитет:
1. Консумирајте правилна и здрава исхрана.
Во нашиот режим на исхрана треба да имаме намирници кои содржат доволно витамини, минерали, растителни влакна, протеини, антиоксиданси, јаглени хидрати и калории. Најдобро е да се јаде свеж зеленчук, свежо овошје, да се пијат свежо цедени сокови, како и многу вода во која можеме да додадеме малку лимонов сок.
Храната треба да биде разновидна и богата со витамини, а особено со витамините А, Ц, Д и Б, како и минералите цинк и селен.
Храна богата со витамин А има во: морков, тиква, портокал, спанаќ, сладок компир, брокула.
Храна богата со витамин Ц има во: лимон, портокал, мандарина, цитрон, пиперки, зелка, кељ, блитва, брокула, киви, ананас и јаболко.
Храна богата со витамин Д има во: јајцата-жолчката, лосос, туна, телешки џигер, млеко и печурки.
Храна богата со витамин Б има во: интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови, банана, спанаќ и кељ.
Храна богата со цинк има во: месото, морските плодови, јајцата, семки од тиква, сусам, лук.
Храна богата со селен има во: морските плодови, рибите, особено во сардините, ракчињата, лигњите, говедски и телешки бубрези, во црниот дроп, срцето, јајцата, морската сол, пченката, доматот, пченицата, печурките, лук, црн леб.
2. Внесувајте додатоци во исхраната.
Доколку сме во можност секојдневно треба да внесуваме и некои додатоци на природна база, како на пример: мед, маџун, прополис, ѓумбир, куркума, ехинацеа и секако топли чаеви од нане, камилица, зелен чај, брусница, мајчина душица, шипки, хибискус… .
3. Одморете се и имајте добар сон.
За добро здравје на нашиот организам неопходен е сонот и одморот. Важно е да се спие во мир и тишина од 6 до 8 часа дневно. Спалната или детската соба во која што се одмараме или спиеме треба да е чиста, проветрена и да не е претопла.
4. Намалете го стресот.
Добро е ако во текот на денот одвоиме малку време само за себе. Тогаш би требало да седнеме или легнеме и да не размислуваме за обврските или проблемите што ги имаме барем 5 минути, бидејќи тоа многу поволно делува на организмот. Добро делува и домашна топла купка која ќе не опушти и релаксира.
5. Бидете физички активни.
Научно е докажано дека со физичката активност, вежбањето и спортувањето се подобрува целокупната здравствена состојба на нашиот организам. Таа е најдобриот начин да се постигне посакуваната форма на телото. За вежбање ви треба само добра волја.Овие физички активности подразбираат: секојдневно пешачење, лесно трчање, рекреативно планинарење, повремено пливање, јога, пилатес, фитнес, аеробик и друго.
Но, во услови на вонредна состојба и полициски час во нашата држава, треба да останеме дома и да вежбаме во домашни услови. Вежбањето во домашни услови носи многу предности. Прво – штедите пари, второ – не сте обврзани со време, можете да вежбате кога Вие ќе посакате и трето – ви дава поголема слобода.
6. Одржувајте хигиена на просторот и лична хигиена.
За овие две работи може да се каже дека се предуслови за добар имунитет. Ова подразбира редовно и темелно миење на рацете, секојдневно одржување на хигиената на лицето, телото, косата.Секојдневно проветрување на работните простории, дневната и спалната соба, како и чистење на просторот во кој што живееме.
Ова се само некои совети кои можат да ни помогнат за зголемување на имунитетот и здравјето на нашиот организам.
Се надевам дека со примената на овие совети сите ние ќе допринесеме за подобро здравје и подобар имунитет на нашиот организам.
На оваа тема може да дискутирате и онлајн со Вашите класни раководители на некој од Вашите класни часови.
Ви благодарам што го проследивте текстот!
Со почит,
Текстот го подготви,
Јасминка Ризова – училиштен педагог
СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци
Датум: 25.03.2020 година