„Современа средина за учење“-нов проект во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“

Продолжува успешната соработка меѓу СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ и Универзитетот „Гоце Делчев“од Штип преку нов проект чии придобивки ќе бидат многу значајни. Соработката меѓу двете образовни институции започна 2011 година со имплементација на системот за електронско учење –Moodle, преку кој гимназијата успешно се вклучи во современата електронска настава и го подобри квалитетот на учењето.

{qtube vid:=UXhk656VChI}

Проектот„Современа средина за учење“ кој претставува спој на средното и високото образование ќе се реализира во две фази. Деновиве ќе започне првата фаза во која треба да се оспособи просторот со две училници во кои ќе се внесе најсовремена опрема за учење во сопственост на универзитетот: 2 интерактивни табли кои ќе овозможат видео-конференциски врски, компјутери, клупи ,столчиња, постери и др. На тој начин ќе се создададат современи училници кои ќе претставуваат средина за еден креативен начин на учење за учениците,професионален развој на наставниците и обука.

Втората фаза од овој проект е предвидена за наредната учебна година.Универзитетот ќе биде домаќин на Саем за иновации, на кој ќе земат учество повеќе средни училишта од регионот.Учениците ќе имаат можност да ги промовираат проектните активности и да се запознаат со условите за студирање на овој универзитет. На овој начин Универзитетот „Гоце Делчев“ ја покажува општествената одговорност преку создавање на современа средина за учење и подобрување на образовната пракса на средношколците. Директорката на гимназијата, Невенка Поп-Ангелова, искажа благодарност кон Универзитетот за проектот преку кој ќе се подобрува и просторот и квалитетот на наставата во гимназијата како модерно училиште на 21.век.