Средба со министерот за образование и наука
Објавено на: 01.06.2010
Просветните работници се основа на воспитно-образовниот систем
Вчера во нашиот град присуствуваше делегација од Владата на Р. Македонија на чело со премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Никола Тодоров, по повод пуштање во употреба на училишната спортска сала на СОЗШУЦ „Ѓорче Петров“, која е дел од проектот за изградба на 145 училиштни спортски сали.
Неочекувано и пријатно изненадување за вработените од Гимназијата беше посетата на министерот за образование и наука г-дин Никола Тодоров.
Директорката на Гимназијата, г-ѓа Невенка Поп-Ангелова, му посака срдечно добредојде и го запозна со личната карта на училиштето и со солидниот рејтингот којшто го постигнува нашето училиште не само на регионално, туку и на државно ниво и тоа долги децении и години наназад. Ги истакна успесите на учениците, нивните завидни резултати на сите натпревари по сите предмети, како и влогот и залагањето на целиот наставен кадар во сите сфери на наставниот процес. Секако ги нагласи и солидните резултати од Државна матура, со рангирање на деветтото место.
Министерот Тодоров го најави своето присуство како лична заложба којашто почесто ќе ја практикува, со цел да слушне од тие што се директно вклучени во наставниот процес за потешкотиите и проблемите со кои се соочуваат. „Ние мора да создадеме систем со кој нашите млади луѓе ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и тоа не само кај нас, туку и во Европа и во светот“, беа воведните зборови на министерот. При средбата со наставниците инсистираше да слушне за видувањата и искуствата на професорите во врска со поважните сегменти од воспитнообразовниот процес и нивните потреби за да им се помогне.
На средбата се дискутираше по две прашања: екстерното оценување и потребите за усоглување на програмите по одделни наставни предмети. Се наметнаа прашања поврзани со програмите по одделни наставни предмети, како и проблемот со учебници кај стручните предмети. Министерот со интерес ги проследи сите излагачи и им одговори со негови видувања и сугестиии. Особено го нагласи Прокетот за изготвување учебници во Средните стручни училишта и неговата ангажираност во составување на авторски тимови за конкурсот за средно стручно образование. Се дискутираше и за преобемноста на материјалот по одделни предмети (математика и македонски јазик и литература), наспроти потребата да се збогати и осовремени програмата по предметот информатика.
Стратешките планови и приоритети на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија се пристапите кон суштинска промена на сите нивоа на образованието. Токму една од клучните реформи за вреднување на системот на образованието е и важноста од екстерното оценување во училиштата и позитивните резултати коишто се очекуваат да следат по неговото спроведување.
Екстерното тестирање, реализацијата на проектот за бесплатни учебници за секое дете, осовременувањето на новите наставни планови и проекти, новиот концепт за задолжително средно образование, но и вложување во науката, се дел од реформите во образовниот систем со кои сите вклучени во образовниот процес се подготвуваат да се соочат со предизвиците на новото време, за да им овозможат полесно вклучување на младите луѓе во сите сфери на општественото живеење.