Во последните девет години, нашата Гимназија, под менторство на професорите Даница Максимоска и Блаже Јованов, традиционално организира шаховско првенство. Првенството се одржува во првата половина на месец април и истото предизвикува масовен интерес кај
учениците љубители на овој мисловен спорт, а еуфоријата во училиштето е присутна долго пред почетокот на натпреварите. Бројот од околу седумдесет учесници овозможува неизвесни борби до самиот крај, а можноста на победниците да се пласираат на државниот турнир и дипломите кои се доделуваат претставуваат дополнителен поттик. Секоја година системот на играње е различен, а судиите кои се ученици, работат под целосен надзор од страна на менторите. Целта е комплетно да се постигне фер-плеј и да се најде вистинскиот победник.
![SahovskoPrvenstvo1](https://dobridaskalov.edu.mk/wp-content/uploads/2010/04/SahovskoPrvenstvo1.jpg)
На последното шаховско првенство, одржано во учебната 2008/09 првото, второто и третото место ги зазедоа:
-Толовски Кирил
-Николовски Дејан
-Тодор Митрев
Ученикот Панов Душко, победник на претходното училишното првенство кој исто така учествуваше и на Државниот турнир, се закити со сребрен медал на истиот. Во разговор со него, дознавме дека се заинтересирал за шахот од своја најрана возраст и учествувал на повеќе регионални и државни натпревари, на кои исто така остварил успешно учество. Задоволен е со својот постигнат успех на Државниот турнир, но вели дека би можел да постигне и повеќе. Своите постигнати успеси изјавува дека му ги должи на својот тренер Трајче Недев, велемајстор. Искрено им се заблагодарува на менторите Даница Максимоска и Блаже Јованов заради можноста да учествува на државниот турнир.
![SahovskoPrvenstvo2](https://dobridaskalov.edu.mk/wp-content/uploads/2010/04/SahovskoPrvenstvo2.jpg)
Оваа 2010 година, шаховското првенство во Гимназијата беше свечено оворено на 15. април (четврток). Се надеваме дека успехот на овој ученик ќе ги поттикне и останатите ученици да земаат учество на ова првенство и да се обидат да постигнат успеси кои ќе бидат гордост како за нив така и за училиштето. На менторите им се восхитуваме заради нивниот неуморен натпреварувачки дух и се надеваме дека истиот ќе продолжи уште долго време.
![SahovskoPrvenstvo3](https://dobridaskalov.edu.mk/wp-content/uploads/2010/04/SahovskoPrvenstvo3.jpg)