Љубовта кон професијата-дебата за матурантите


Објавено на: 30.04.2010

Проектот „Мојата идна професија“ успешно продолжува со нови и интересни дебати за понатамошно професионално ориентирање на учениците-матуранти. 


На дебатата што се одржа на 30.04.2010 година, (петок) во 17:00 часот,  учествуваа проф. д-р Блаже Боев, проректор за наука на  Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, проф. д-р Оливер Илиев, декан на Факултетот за информациско-комуникациски технологии од Универзитетот ФОН-Скопје и г-дин Никола Наумов, дипломиран инженер-архитект и менаџер на „Градба Промет“-Кавадарци. 

DebataZaMaturantite1
И овој пат празно место во просторијата не остана. Едночасовната дебата од страна на почитуваните господа, нe нè остави рамнодушни. Тие се потсетија на сопствените дилеми  во врска со  вистинскиот избор на професијата и за студентските денови. Енергично раскажуваа и ни откриваа за спомените коишто долго ќе ги паметат, за своите искуства и успеси, а со тоа ни дадоа јасна и реална слика за професијата што ја одбрале, но и  за мотивите поврзни  со изборот на факултетите на кои тие студирале и покажале завидни резултати и  успеси.
DebataZaMaturantite2

Проф. д-р Блаже Боев со мошне мудри зборови им се обрати на учениците: „Треба да се стремите кон совршенство во работата што ја работите и независно за која професија ќе се определите, треба да бидете најдобри во тоа“.

DebataZaMaturantite3

Нашите гости покажаа голема доблест, па дури и не ги криеа своите неостварени желби. Потсетувајќи се низ смеа, проф. д-р Оливер Илиев ни откри дека некогаш сакал да биде уметник,  музичар, но станал информатичар. Сега веќе успешен и докажан во својата професија, искрено не посоветува дека љубовта, трудот и упорноста се главните „виновници“ за постигнатиот успех. Треба долги години работа и труд и по завршувањето на факултетот, за да се докаже сопствениот квалитет.

DebataZaMaturantite4

И г-дин Никола Наумов, дипломиран инжeнер-архитект нагласи дека финансиската основа и егзистенцијата не се главни причини за изборот на идната професија, туку љубовта и желбата за проучувањето на одредена проблематика од посакуваната област.

Учениците со искрено и насмеано, а сепак и со збунето лице се интересираа и преку поставените прашања ги разјаснуваа сопствените дилеми и дотогаш нејасни работи.