Учениците од Гимназијата – гости кај Претседателот Пендаровски
Објавено на: 01.11.2019
Во рамките на медиумскиот ден на 30.10.2019г. учениците од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ имаа прилика да ја посетат резиденцијата на Претседателот на РСМ, Вила Водно. По пристигнувањето, учениците најпрво ја разгледаа резиденцијата каде што вработените им раскажаа за свечените церемонии со кои се пречекуваат претседателите и други високи делегации од други држави. Потоа се запознаа со аѓутантката Билјана Блажевска, која воедно е првата жена на оваа позиција. Следна беше средбата со Претседателот Стево Пендаровски во свечената сала во која особено се впечатливи двата огромни мозаици кои се дела на нашиот сограѓанин Глигор Чемерски.
Учениците беа во можност да разговараат со Претседателот на темите Екологија и заштита на животната средина. Тоа е дел од проектот „Не игнорирај – РЕАГИРАЈ“ чија цел е намалување на климатските промени и спречување на загадувањето во околината. Претседателот одговори на прашањата на учениците, особено посветувајќи се на загадувањето на воздухот и заштитата на некои ендемични видови растенија. Како дел од медиумскиот ден учениците ги посетија просториите на МРТ, Радио МОФ и МАК ФАКС каде што учениците се запознаа со се она што се случува зад телевизиските екрани, важноста на новинарството и влијанието на медиумите врз секојдневниот живот на луѓето како и заштита на околината и намалување на климатските промени. Со ова учениците ги проширија своите знаења во врска со климатските промени и осознаа нови начини со кои можат да се спречат истите.