Учество на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци на Филмскиот фестивал за деца и млади Џифони Македонија


Објавено на: 14.10.2021

Педесетина ученици од Кавадарци, Прилеп, Куманово и од Маврово-Ростуше во изминатите денови учествуваа на деветото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца и млади Џифони Македонија од своите училишта или домови. Преку т.н Џифони-хабови тие ги следеа активностите на кадетите и сениорите, гледаа филмови, се вклучуваа во дискусиите, а учествуваа и на работилниците. Поради ковид-пандемијата фестивалот годинава мораше да го намали бројот на учесници во живо и затоа ја создаде оваа можност, сепак и ученици надвор од Скопје да бидат дел од магијата на „Џифони“. Реализацијата на работата на хабовите ја поддржа Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци, со група од 11 ученици учествуваше online на филмскиот фестивал за деца и млади Џифони Македонија, кој се одржa во Скопје од 7 до 12 октомври.

Тоа е единствен фестивал од овој вид, кој преку филмската уметност, на децата и младите им нуди различни теми за размислување и разговор, (емоции, односи во семејството, толеранција, родова еднаквост, врсничко насилство, дискриминација, општествени појави, климатски промени итн.), преку кои се олеснува дискусијата и разбирањето на некои појави и карактеристики што нѐ опкружуваат, и на тој начин им помага на младите и децата да ги прошират своите видици и да изградат свој став по некои прашања. Сѐ на сѐ, им се дава несекојдневна можност за размислување и сподeлување искуства на теми што можеби поинаку не би биле разговарани.

Петдневната програма започнa во четврток, на 7 октомври со свечено отворање на Фестивалот во вечерните часови, а следните денови, од 8 до 11 октомври сите учесници на фестивалот гледаа внимателно избрани филмови од светска продукција и како членови на жирито гласа за истите. По филмовите се дискутираше со врсниците од други градови од земјата и од странство, а потоа следат креативни работилници и други содржини.

Професорката Фиданка Илова која беше координатор на проектот споделува дека учениците стекнале прекрасно искуство од овој проект. Ова учество ќе помогне за развојот на филмската култура кај младите. Учениците од нашето училите посакуваат наредната година во живо да учествуваат на овој фестивал.

Споделуваме дел од нивните коментари:

– Многу сум благодарна и среќна што учествував во овој проект. Најинтересни ми беа дискусиите за филм преку кои сите ја доловивме целта и содржината на филмските дела, сослушавме различни мислења и различни сфаќања за истите. Работилниците се многу корисни и интересни кои нѐ учат како да постапуваме во одредени ситуации, како да бидеме прав новинар, како правилно да се однесуваме со соговорникот и воедно да знаеме да напишеме и уредиме една одлична новинарска вест.

– Среќна сум што имав можност да бидам дел од овој проект којшто се состоеше од неколку активности од кои како најинтересна би ја издвоила дискусијата после филмовите каде што имав можност да слушнам многу различни размислувања. Работилниците беа доста корисни и ни овозможија да осознаеме како правилно се пишува еден текст.