Учество во работилница за Еразмус + проектот European DIGI-CLASS во Турција
Објавено на: 06.06.2023
Во периодот од 15.05.2023 до 19.05.2023г. нашето училиште СОУ Гимназија ,,Добри Даскалов” Кавадарци зема учество во работилница за Еразмус+ проектот European DIGI-CLASS во Турција. Работилницата се одржа во средното училиште 15 Temmuz Sehitler Anadolu Lisesi од Кастамону и во неа учествуваа Сања Илова, проф. по англиски јазик, Васка Таневска, проф. по германски јазик, учениците од втора година: Сара Јованова, Владимир Костов, Јована Секуловска и Филип Попов. Присуствуваа и учесници од другите училишта-партнери: Colegiul Tehnic Edmond Nicolau од Романија, Stredna priemyselna skola Povazska Bystrica од Повашка Бистрица, Словачка, 15 Temmuz Sehitler Anadolu Lisesi од Кастамону, Турција и Budapesti Komplex Szakképzési Centrum Pogány Frigyes Szakgimnáziuma од Будимпешта, Унгарија.
Во текот на работилницата, нашите ученици ги претставија училиштето, градот, културата и земјата од која потекнуваат, како и образовниот систем во нашата држава. Исто така презентираа за веб-алатката Animoto која може да се користи при изработка на презентации од било која област. Секоја држава-партнер на проектот презентираше различни алатки, со што учениците се запознаа со нови алтаки кои може да ги користат во нивното понатамошно школување. Меѓу алатките кои беа обработени беа: Flux Time Studio (презентирана од тимот од Унгарија), Sketchup (презентирана од тимот од Романија), Flipbook (презентирана од тимот од Словачка) и Garlic.io (презентирана од тимот на Турција). Мешани тимови составени од ученици од сите земји-партнери беа задолжени да изработат кратка задача во алатките кои беа презентирани, при што работеа тимски, се запознаваа и другаруваа со учениците од другите држави.
Покрај работилниците, домаќините организираа и две екскурзии во близина на Кастамону, презентирајќи ги природните убавини и раритетите на нивниот крај, како што се вториот по големина Кањон во светот (Horma), најстарата џамија во стариот град Кастамону, фабрика за производство на алва/локум, калето над Кастамону, фарма за коњи во Дадај, Стаклена тераса, старата чаршија, итн. Професорката по ликовно во училиштето домаќин, исто така, организираше две работилници за традиционална турска уметност – ебру и печатење со камен, на кои учениците изработија несесери и цртежи кои можеа да ги понесат со себе.
Целта на овој Еразмус+ проект е училиштата-партнери да ги подобрат технолошките компетенции на учениците и професорите и да пронајдат информации за интерактивни извори за подобра подготвеност за овој проект, со што би се зголемил интересот и успехот на учениците во наставата.