Унапредување на воспитно-образовната дејност во училиштата –задача на сите учесници во образовниот процес

На 24.02.2020 година во просториите на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ се одржа предавање на тема „ Унапредување на воспитно-образовната работа во училиштата “, од страна на  проф.д-р.Розалина Попова-Коскарова, редовен професор на Педагошкиот факултет во Скопје.

Целта на предавањето беше да се сврти вниманието кон воспитната функција во училиштата. Во време кога традиционалното семејство е заменето со модерно и современо, наставникот се повеќе им е потребен на учениците да ги води во процесот на нивното растење и созревање. Беше истакнато дека ликот на  наставникот во 21 век треба да го красат особини кои кај учениците ќе успеат да вградат трајни знаења, но и ќе развијат вештини и  ќе градат ставови и вредности. Тие вредности не се учат преку дефиниции, туку низ концепти и ситуации преку изразена емпатија, да се слуша другиот и да се почитува секое мислење во групата.

Повикувајќи се на еден од најпознатите педагози од 17 век, Коменски, професорката ја повтори мислата која треба да ги води сите учесници во образовната дејност, дека наставникот воспитува со целокупното свое однесување и изглед. Користејќи го стандардниот македонски јазик, градејќи доверба  со учениците преку дискусија на теми кои се во нивни интерес, поддржувајќи и развивајќи ги нивните таленти, наставникот ќе ја заслужи најголемата почит од своите ученици.

Наставниците траба да ги идентификуваат причините за недисциплинирано и асоцијално однесување на учениците, да ги унапредат техниките и стратегиите во решавањето на дсциплинските проблеми.

Професорката на своето предавање споделувајќи искуства од развиените земји во светот(САД, Норвешка и Шведска) прикажа како и на кои начини може да се задржи вниманието на учениците, да се учи континуирано и да се прифати целоживно учење, како процес кој само ќе се надополнува со љубопитност и критичко размислување. Акцентот на предавањето беше ставен на прифаќање методи за динамичност и интеракција на часовите, преку бура на идеи да се поттикнат учениците на размислување, градење ставови и лично мислење.Само вака подготвените ученици , со развиени вештини ќе можат конкурентно да застанат до своите врсници од други земји.

На крајот од обуката професорката ја испрати пораката дека на секое дете потребно му е внимание и интерес кон неговата работа.Знаењата денес може да се стекнат преку различни начини и  технологии, но развивањето на вредностите е поврзано со човечкот фактор, а тоа се наставниците и родителите.