Свечено одбележан јубилејот од 65 годинишното постоење на кавадаречката Гимназија


Објавено на: 25.11.2010

Доследна на долгогодишната традиција, гимназијата „Добри Даскалов“ свечено го прослави роденденот на својот патрон. На одбележувањето на 128 години од раѓањето на македонскиот револуционерен водич, му соодветствуваа и јубилејните 65 години од постоењето на кавадаречката Гимназија.

Свечената манифестација започна на Грдскиот плоштад, со невообичаено спортско дефиле, со хулахоп игра на ученички од Гимназијата. Вртењето по ритамот на познатите светски рефрени несомнено ги задржа погледите на случајните и неслучајните минувачи. Учесниците во дефилето заедно со професорите по спорт и спортски активности,  успеаја да направат еден прекрасен спој на спортот и уметноста.

Свечената академија се одржа вечерта на 12. ноември, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“, со почеток во 19:30 ч. Свеченоста започна со говорот на директорката на Гимназијата, Невенка Поп-Ангелова, која ја потенцира мисијата на на Гимназијата и наставничкиот кадар – „несебично да создаваат, пренесуваат и да имплементираат знаење кај сите ученици“.

„65 години Гимназијата е расадник  на знаење и богат духовен живот кој пулсира не само меѓу ѕидовите туку и многу подалеку, надвор од училишниот простор. 65 години сведочат за вложување на многу знаења, вештини, разум, ентузијазам, љубов, мудрост, истрајност  и заради тоа сите овие години постоење може да се пофалиме дака успешно ја остваруваме својата воспитно образовна, културна и општествена мисија. Со осовременувањето, модернизацијата во образовниот ситем Гимназијата сигурно чекори кон иднината“, нагласи Поп-Ангелова. Присутните беа запознати и со актулените имлементирани проекти на Гимназијата, во соработката со други образовни центри. Директорката гордо зборуваше за постигнатите успеси на учениците од државна матура, а особено за индивидуалните високи постигнувања на ученици и професори на државните натпревари во различни области: литеаратура, странски јазици, физика, математика, историја, ораторство и различни спортски активности. Заради постигнатите успеси како заслужни учениците се истакнаа: Невенка Ридова, Верица Ристевска, Дане Митрев, Цветанка Душкова, Емилијан Мишков, Љупчо Петров, Дарко Златевски, Душко Панов, Росана Кочова, Маја Трајкова. Овие успешни средношколци се здобија со соодветни награди од Директорката и од наставничкиот кадар, како благодарност за афирмацијата на своето училиште.

Оваа година, богатата културно-уметничка програма во траење од 40-тина минути, им приреди многу изненадувања на присутните. Прекрасниот спој во корелација на национално-историското и патриотското, со елементи на модерното и современото, беше навистина пријатно доживување за присутните во салата. Културно-уметничката програма ја отвори училишниот хор со химната, којашто ги дигна на нозе сите присутни во салата, а потоа следуваше извонредна изведба на песната „Дафино вино црвено“, под менторсво и диригенство на професорот по музичка уметност Златко Смилевски. Оригиналноста на  рециталот „Македонија“, остави силен впечаток со нагласениот патриотски мотив, во изведба на ученичките: Тијана Дукова, Сара Мојсова, Дијана Мицева, Ирена Петрова, Мангала Пашова,  Зорица Ташева и Ивона Нанева, под менторство на професорката по македонски јазик и литеартура, Ристенка Јосифова. Идејата „Македонијо во срце те носиме и со тебе сме“ беше повеќе од успешно воспримена. Она што му стави посебен акцент на рециталот беше соло-изведбата на Ирена Петрова, на една од најпрекрасните македонски народни песни „Калеш Анѓо“. Традиционално, следуваа музички точки на македонски јазик, но и на сите странски јазици што се изучуваат во гимназијата- англиски, германски и француски, во интерпретација на: Анета Мишева, Наталија Славева, Јана Спасовска и Загорка Мешкова. Музичките точки беа пропратени со танцови изведби во кореографија на балетското студио „Венус“. Интерпретацијата на миксот од рефрените на познатите македонски хитови, од публиката беше прифатена како кулминација. Свој оригинален настап забележа и оркестарот на гимназијата, под менторство и диригенство на професорот по музичка уметност, Драган Вељковиќ. Оваа година сите беа видно изненадени од изборот на оригиналните композиции, во ново, спектакулрано светло, со совршена инструментална изведба на музиката од најголемите филмските остварувања на сите времиња.

Краткиот извадок од театарската претстава „Техно ѕвезда“, од познатиот македонски драмски писател Томислав Османли ги заинтригира присутните и вешто ги измами да ја проследат премиерата којашто беше закажана за наредниот ден, во изведба и режија на учениците: Бобан Илиевски, Митко Ристов, Тијана Дукова, Маја Трпчевска, Дончо Павлов, Александар Стојановиќ, Илија Боцев, Драган Клинчаров, Ленче Атанасова, Надица Цуцулова, Бојана Златева, Ивана Поповска, Сашко Стамаџиев, Панчо Мелов, Васко Ангелов, Дарја Трикиќ, Иван Јанев, Емилија Мантева, Елена Ѓорѓиева, Надица Темелкова и Игор Лазаров.

Свечената прослава заврши со отворање на изложба на фотографии во фоајето на Домот на културата. Притоа  беа доделени и награди за најуспешни фотографии на учениците од прва до четврта година. Тука присутните беа пречекани со оригинална еко-трпеза, со што се заокружи организираната програма во чест на патронот Добри Даскалов. Сценариото на програмата за Свечената академија  презентирано од учениците Сара Мојсова и Ристе Зимовски го подготви проф. по македонски јазик и литература  Кочо Кочов.

Присутните гости, Директорката и вработените во гимназијата достојно го одбележаа и 13. ноември, со положување свежо цвеќе пред бистата на Добри Даскалов, којашто се наоѓа во холот на Гимназијата.

 

Видео материјали можете да погледнете тука.