„Giorno della lingua italiana“ – Ден на италијанската култура
Објавено на: 25.12.2010
Нашето училиште годинава, од месец февруари е дел од интернационалниот проект – Проект за мир (Proggeto Pace), со што гимназијалците добија шанса да го изучуваат италијанскиот јазик. Главна цел на проектот е да мотивира и ангажира млади од сите земји, а за возврат им нуди културно надградување, другарување, пријателства и соработка со врсници од целиот свет, при тоа рушејќи ги сите можни бариери.
Со намера да се направи презентација на еден дел од содржините на овој проект, членовите на овој проект на 24. 12. 2010, во просториите на училиштето подготвија кратка манифестација под наслов „Giorno della lingua italiana“ или „Ден на италијанската култура“.
Еден ден пред најзначајниот италијански празик – Божик (Il Natale), гимназијалците се обидоа да и се доближат на IL BELPAESE, со програма подготвена под менторство на проф. по италијански јазик Даница Мургова. На присутните на оваа манифестација, учениците им понудија виртуелно патување низ италијанските градови, низ италијанската култура и традиција, со најпознатите историски и современи знаменитости: Рим ( La citta eterna ) и Венеција (La Serenissima). Нашите ученици се потрудија да направат симбиозата на македонскиот и италијанскиот јазик, којашто резултираше со позитивни критики од страна на присутните, меѓу кои беа и претсавниците од СГГУ „Здравко Цветковски“ од Скопје – училиштето координатор за овој проект за Македонија.
На крај од оваа пригода координаторот на проектот од нашето училиште, проф. по француски јазик Светлана Несторова-Мицев им се обрати на присутните со цел да го поздрави вклучувањто кон овој проект “мировната мрежа” и на СОУ „Наум Наумовски Борче“ Крушево, кои воедно беа и гости- учесници, со нивни италијански специјалитети. Средношколците од Крушево практично ги покажаа своите умешности, изготвувајќи закуска, типична италијанска храна (pizza e pasta).
Потоа следуваше потпишување на договорот од страна на г-ѓа Драгица Костадиновска, директорка на СГГУ „Здравко Цветковски“ од Скопје (главен координатор во Македонија на Проектот за мир) и г-ѓа Билјана Проеска, директорка на СОУ „Наум Наумовски Борче“ Крушево. Овие две училишта се дел од големиот Проект за мултилатерална соработка, инициран од директорката на нашето училиште. Директорката на гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова ги претстави како пријатели на училиштето коишто разменувајќи знаења, искуства и идеи, продолжуваат заеднички да ја шират мисијата за соработка на сите полиња на образовниот процес. Се надеваме на понатамошна успешна соработка на овој, но и на многу други проекти во иднина, а истовремено ќе продолжиме со негување и јакнење на пријателството помеѓу училиштата.