„Етика и морал“ – предавање од проф. д-р Кирил Темков
Објавено на: 28.02.2011
На 1 март 2011 година во Гимназијата „Добри Даскалов“ Кавадарци, пензионираниот професор по етика, д-р Кирил Темков, одржа предавања за учениците од втора и четврта година кои беа проследени со големо внимание.
Професорот Темков најпрво ги почести со своето присуство учениците од IV4 на час по филозофија. Тој говореше за просветителството и неговото значење, за делото на Волтер кое се одликува со критика на неправдите и со одбрана на човечкото и на правдината, за човекот како најсовршено суштество кое се одликува со разум и критички став. Предавањето создаде позитивни реакции кај учениците кои со воодушевување го проследија неговото предавање за просветителството.
Првото предавање на тема „Етика и морал“ го одржа во кино салата на Гимназијата за учениците од II3. Зборуваше за стекнувањето на добри навики и начинот на однесување на младите во општеството. Тој ги посоветува учениците да внимаваат на своето здравје, да спортуваат избегнувајќи ги пороците како општо зло. Младите денеска се соочени со различни искушенија, дилеми, прашања и сомнежи за кои етиката има решение. Толеранцијата и почитта се стожер во градењето на една стабилна личност. Посебен акцент стави на заедничката соработка и другарството помеѓу девојчињата и момчињата.
За матурантите имаше предавање на тема која во моментот им е најактуелна. Тие се наоѓаат пред најголемиот крстопат во животот. Најдобриот пат на осознавање на вистинските вредности во светот е преку образување и интелектуална изградба на личноста. Денес светот е целосно отворен за желбите и идеите на младите кои желни за знаење чекорат кон подобра иднина. Тој ги отвори своите спомени за да го искаже својот пат кон успешноста. Професорот Темков укажувајќи на нас младите како движечка сила на општеството ни потенцираше никогаш да не се откажуваме од желбата за стекнување знаење.
Во завршниот дел од предавањата на проф.Темков, а во контекст на темата, учениците од гимназијата „Добри Даскалов“, Борис Димов, ученик во IV6 и Анета Мишева, ученичка во IV1 се погрижија за изненадувањето кое му беше подарено на ценетиот професор. Познавајќи го професорот Темков како голем љубител на џез музиката, учениците направија мало музичко шоу кое предизвика изненадување и воодушевеност кај професорот, но и кај останатите присутни. Тој го пофали нивниот талент, дарба, желба и љубов кон музиката како и добрата намера гостопримливоста да биде надополнета со најубавото нешто за душата на човекот-музиката. Нам ни остануваат неговите совети како водич во нашето идно професионално изградување и желбата за повторна средба.