47 Државна смотра на младите истражувачи
Објавено на: 02.04.2011
Годинава, 47 Државна смотра на младите истражувачи од Република Македонија во организација на Народна техника – Сојуз на здруженија за техничка култура на Р. Македонија, се одржа на 02.04.2011 година во Велес.
Многу млади истражувачи, ученици од средните училишта од цела Македонија се натпреваруваа во следниве области: аналитичка хемија, астрономија, биохемија, географија, екологија, еколошка хемија, информатика – дизајн на WEB страни, информатика – компјутерско програмирање, информатика – користење на софтвер, математика, микробиологија, неорганска хемија, органска хемија, роботика и автоматика, физика – обновливи извори на енергија, физика – светлина – појави и примена, и физиологија на растенијата.
Ученикот Дарко Златески од III-3 клас, беше претставник од нашата гимназија и се натпреваруваше во областа Физика, на тема: „Светлина“. Под менторство на професорката по физика Кристина Крстева, истражуваше и се подготвуваше за Појави и примена на светлината, на темата: „Ласери“ и убедливо го освои I (првото) место, со 95 поени.
Ова не е првиот голем успех на ученикот Дарко Златески. Уште од основно образование тој покажува интерес и до денес навистина се докажа дека е успешен во своите истражувања. Минатата година исто така освои прво место на тема од физиката, додека оваа година со напорна работа и голем ентузијазам уште еднаш го потврди неговиот квалитет и знаење од физиката.
Со овој успех се потврдува дека нашата гимназија има ризница успешни, креативни и вредни ученици, подготвени за секакви предизвици и натпревари во кои одлично се пласираат. Учениците не се плашат од натпреварите, туку гордо и со многу самодоверба настапуваат на истите, затоа што веруваат во своите способности и знаења, а пред сè знаат дека професорите веруваат во нив, што многу им помага и ги охрабрува.