Гимназијалците со своја емисија на Galaxy радио
Објавено на: 30.10.2014
Радиото како еден од најмоќните медиуми уште еднаш го привлече вниманието на младите гимназијалци кои започнуваат со емитување на своја емисија. Средношколските денови, интересите на учениците, случувањата од нивното секојдневие, теми за дилеми ……
По иницијатива на Душко Стефанов , претставник од Galaxy радио, ќе се воспостави соработката со ученици од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ со цел поголема вклученост на средношколците во медиумите. Оваа идеја со воодушевување беше прифатена од страна на директорката Невенка Поп-Ангелова затоа што секој проект кој произлегува од самите ученици е вреден за поздравување.Таа им даде огромна поддршка и отвореност за соработка на учениците, надевајќи се дека ќе имаат многу емисии кои ќе ја претстават гимназијата во јавноста преку многубројните проекти кои се реализираат во текот на целата учебна година. За дел од емисиите во кои ќе се обработуваат актуелни теми училиштето ќе обезбеди директен пренос во холот на гимназијата. Во емисијата која ќе се емитува во живо секој петок од 12 до 12:30 часот главната цел на учениците ќе биде претставување на гимназијата со сите актуелни настани, дебатирање , отворени теми, прашања од страна на слушателите, интервјуа со раководниот кадар на училиштето и професорите.
Договорено е проектот да трае една година, а првата емисија ќе стартува на 31.10.2014 година во 12 часот. Ученици чии гласови ќе ги слушаме во етерот секој петок се: Митко Ѓорѓиевски –дете правобранител, ученик од IV година, Сандра Костова-заменик дете правобранител, ученичка од III година и Ѓорѓи Белевски-заменик дете правобранител, ученик од IV година.
Им посакуваме многу успешни емисии, многу теми за дебатирање и учество во јавниот живот на град Кавадарци, креирање на јавно мислење и достојно претставување на СОУ Гимназија„Добри Даскалов“.