Професори од гимназијата Добри Даскалов со учество на Еразмус+ проект во Р. Бугарија
Објавено на: 19.10.2016
Од 17 до 22 октомври во Софија, Р. Бугарија се одржа тренинг семинар во рамките на Еразмус + програмата – Интегрирање на електронско учење во училницата, во кој зедоа учество професори од гимназијата „Добри Даскалов“ Кавадарци.
Ова е четвртата по ред работилница од овој проект во кој учестува кавадаречката гимназија, а како партнери во проектот се Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Техничкиот универзитет од Софија, Градежниот училишен центар „Здравко Цветковски” од Скопје, Втората јазична гимназија во Софија и гимназијата „Курт Николин” од Шведска.
Местото на одржување е Втора јазична гимназија „Томас Џеферсон“ во Софија. Во текот на реализацијата на работилницата професорите имаа можност да присуствуваат на дел од наставните часови кои се реализираат во ова училиште каде што наставата покрај на мајчин јазик се реализира и на англиски јазик.
Во текот на оваа и следната учебна година сите учесниците во проектот ќе креираат Отворени образовни ресурси кои што ќе бидат споделени на специјална платформа која ќе биде креирана во рамките на проектот. Во работилницата земаа учество директорката на гимназијата Невенка Поп-Ангелова, Костадинчо Петров и Лоска Давчева, проф. по економски предмети, м-р Зоран Милевски и Благородна Лазова, проф. по информатика и Мики Камчевски, проф. по историја. Покрај различните предмети кои што ги предаваат професорите, понатаму активно учество во изработка на отворените едукативни ресурси ќе земат и други професори од гинмназијата. На веб сајтот на гимназијата во менито Настава е поставен линк кон базата на податоци за овие ресурси која започна да се полни со едукативни ресурси во различни категории.
Со имплементирањето на ОЕР учениците ќе имаат полесен пристап до материјали во електронска форма со што ќе се подобри квалитетот на наставата кај учениците .