Одбележување на Светскиот ден на туберкулозата
Објавено на: 22.03.2021
Светскиот ден на туберкулозата секоја година се одбележува на 24-ти Март, со цел да се подигне јавната свест на глобално ниво за катастрофалните последици што ги носи оваа болест на здравствен, економски и социјален план.
Овој датум е избран, затоа што точно на овој ден во 1882 година Д-р Роберт Кох ја открил бактеријата (Mycobacterium tuberculosis) која ја предизвикува оваа опасна болест.
Со нејзиното пронаоѓање се отвара патот кон дијагностицирање и лекување на болеста. Таа, и денес е една од водечките заразни болести на Земјата.
Во минатото била честа причина за смрт, денес се смета дека тоа е болест на сиромаштијата, заедниците, мигрантите и други ранливи категории.
Се лекува со примена на антибиотици и подобрување на имунитетот кај човекот. Една од превентивните мерки за спречување на појавата на туберкулозата е вакцинирање со БСЖ – вакцина.
Според статистичките податоци на Светската здравствена организација во 2018 година 10,4 милиони луѓе заболеле од оваа болест, а фатално завршиле околу 1,3 милиони луѓе.
За да ја подигнеме свеста кај помладата популација, за да научиме повеќе и да го одбележиме овој ден, учениците подготвија презентации, кои исто така, беа презентирани на класните часови заедно со текст чија содржина е наменета за туберкулозата.
Учениците работеа под менторство на Богде Коцева – професор по биологија и Јасминка Ризова – училиштен педагог.
Им благодариме на учениците што и овој пат покажаа дополнителна активност за одбележување на овој ден.
Туберкулоза24 Март- Светски ден на туберкулоза