Гимназијата „Добри Даскалов“ го одбележа својот патронен празник – традиција, знаење и визија за иднината

По повод патрониот празник на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, беше организирана културно-уметничка програма на која присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на Советот на Општина Кавадарци, претставници на семејството на Добри Даскалов, поранешни и сегашни вработени, родители и ученици.

Во своето обраќање, директорот на гимназијата, м-р Зоран Милевски, се осврна на значењето на патрониот празник, истакнувајќи дека почитувањето на традицијата подразбира и одговорност за нејзино надградување и продолжување. Добри Даскалов оставил длабока трага во историјата на Тиквешијата, а гимназијата што го носи неговото име ја продолжува својата мисија во создавањето знаење, поттикнувањето критичко размислување и образувањето генерации подготвени активно да придонесуваат во општеството.

Осврнувајќи се на постигнувањата во изминатата година, директорот ги истакна резултатите на учениците, кои освоија 96 награди на општински, 88 на регионални и 74 на државни натпревари, со учество и на четири меѓународни натпревари. Овие достигнувања се потврда за знаењето, амбицијата и посветеноста на учениците, како и за квалитетот на наставната работа.

Посебен акцент беше ставен и на започнатата примена на новите наставни програми во гимназиското образование, кои отвораат простор за современи образовни пристапи, нови методи на работа и поголема поврзаност на наставата со потребите на современото општество.

Во изминатиот период продолжи и унапредувањето на училишната инфраструктура. Обновените кабинети по биологија и хемија и целосно реконструираната спортска сала претставуваат значаен придонес кон создавањето современа, функционална и поттикнувачка средина за учење, работа и развој.

Во обраќањето беше истакнато дека угледот на една образовна институција е резултат на долгогодишна посветена работа, професионалност и заедничка определба кон високи образовни стандарди. Секоја генерација наставници и ученици остава свој белег во нејзиниот развој, а одговорноста на сегашните генерации е да ги зачуваат и надградуваат вредностите врз кои се темели нејзината традиција.

„Нашата цел е гимназијата ‘Добри Даскалов’ да остане препознатлива по квалитетот на образованието, постигнувањата на своите ученици и вредностите што ги негува. Да биде училиште кое го почитува своето минато, одговорно ја живее сегашноста и со јасна визија ја гради иднината“, истакна директорот Милевски.

Патрониот празник беше заокружен со богата културно-уметничка програма, подготвена од учениците и наставниците на гимназијата, во која дојдоа до израз талентот, креативноста и уметничкиот дух на нашите ученици.