Национален натпревар „Европски квиз на пари” 2022 година


Објавено на: 31.03.2022

Националниот натпревар „Европски квиз на пари” се одржа на 24 Март 2022 година, онлајн, преку апликацијата Kahoot, за време на Европската недела на пари, под мотото „Користете ги парите паметно!”.  На истиот, учество земаа 424 тимови на македонски јазик и 16 тимови на албански јазик, од основните и средните училишта во Република Северна Македонија.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци зема учество со 14 тимови или вкупно 28 ученици, со 6 наставници-ментори. Како координатори на натпреварот „Европски квиз на пари”  при Гимназијата се Лоска Давчева, професор по економски предмети и Благородна Лазова, професор по информатика.

Нашето училиште, со ученичките Марија В’чкова и Стефанија Сарафимова, ученички во I-5 клас, под менторство на Јасминка Ризова, педагог и професор по педагогија, освои 3 место на овој Национален натпревар. Горди сме како училиште  на освоеното 3 место и на постигнатиот успех на сите наши ученици и нивните ментори.

Финансиската писменост е неопходна за секој поединец, за истиот да си го олесни животот и побрзо да напредува на секое поле. Во таа насока, четврта година по ред, Народна банка на Република Северна Македонија, Македонската Банкарска Асоцијација и Комисијата за хартии од вредност, го организираат Националниот натпревар „Европски квиз на пари”, на кој право на учество имаат ученици на возраст од 13 години до 15 години. Младите се иднината на една земја, парите се неизоставен дел од животот, па затоа неопходно е да се инвестира во финансиска писменост на младите!

Вложувањето во знаење и образование е невидлива инвестиција, но најзначајна за животот! Стекнатото знаењето ги проширува хоризонтите, го облагородува животот…  Во современи услови на живеење и стопанисување, економската и финансиската писменост, како дел од вкупното образование и писменост на луѓето, а пред сè, на младите, се од големо значење за подобрување на нивниот живот и стандард. Во таа насока, горенаведените финансиски институции сакаат, кај учениците во основно и средно образование, да поттикнат интерес за многу економски категории: банки, пари, акции, обврзници, дивиденда, камата, кредит, инвестиции, пензиско осигурување, кредитни и дебитни картички, девизи, инфлација, дефлација…

Со учеството на натпреварот, учениците стекнуваат основни знаења од економската проблематика и банкарското работење, а чиј неизоставен дел се финансиите. Се стекнуваат со финансиска писменост! Учат да ги користат парите паметно! Кога зборуваме за финансии, мислиме на пари! Врската помеѓу образованието и финансиите е нераскинлива и правопропорционална, а тоа значи дека оној кој сега вложува повеќе во своето знаење и образование, се очекува во иднина да биде и побогат!

Затоа, драги ученици, инвестирајте во вашето знаење и користете ги парите паметно!

 

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети