Одбележан патрониот празник


Објавено на: 15.11.2009

Чествувањето на патрониот празник започна на 12.11.2009 година (четврток) во 19 часот со свечена програма во чест на патронот во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци. 
На 13.11.2009 година (петок) во 10 часот пред присутните гости и вработените, во училиштето најпрво беше положено свежо цвеќе пред бистата на Патронот од страна на директорката Невенка Поп-Ангелова и вработени од гимназијата.
patronat1

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци годинава одбележa 97 години од смртта на Добри Даскалов и 127 години од раѓањето на патронот. Чествувањето на патрониот празник започна на 12.11.2009 година (четврток) во 19 часот, со свечена програма во чест на патронот во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци. Гостите добија примерок од новиот број на училишниот весник „Инфо гимназијалец“ изготвен од ученици од трета година, под менторство на проф. Кочо Кочов. Беа поделени и флаери за животот и делото на војводата Добри Даскалов, изготвени од ученици под менторство на проф. Наташа Матакова и флаер со учениците-учесници во културната програма под менторство на училишниот педагог Јасминка Иванова.
patronat2
Свечената седница започна со изведување на државната химна од училишниот хор, под менторство на проф. Златко Смилевски. Претсавници на учениците ги поздравија гостите кои не удостоија со нивното присуство. Воедно, ја најавија и културната програмата по сценарио на проф. Гордана Еленова. На свечената манифетација со свое присуство не удостоија: семејството на македонскиот револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов, градоначалникот на општина Кавадарци г-дин Александар Панов, советниците на Советот на општина Кавадарци, претставници од МОН, просветниот инспекторат, гости од гимназијата „Јане Сандански“ од Сандански- Бугарија, гости од гимназијата „Орце Николов“ Скопје, гости од гимназијата од Струга, од првиот приватен универзитет ФОН, членови на Училишниот одбор, членови на Советот на родители, претставници од организации, институции со кои училиштето соработува, претставници од основни и средни училишта од градот, пензионерите.
patronat3
За биографијата на Патронот проговорија актерите Александар Малинков и Диме Коцев. Потоа, следуваше поздравен говор од директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова, која гордо ги најави успесите на училиштето и уште еднаш ја истакна визијата која ги води и наставниците и учениците по патот на работливоста, трајните знаења и активното учество во општествениот живот. „Нашата Гимназија со гордост го носи името на македонскиот револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов. Револуционерното дело и познатите мисли на Добри Даскалов нe потсетуваат постојано за еден важен дел од македонската историја, која зборува за многу жртви и откажувања на големите борци и мислители како нашиот Патрон, на кои ние не смееме да заборавиме, туку да ги цениме и да продолжиме да ги почитуваме и чествуваме. “(извадок од говорот на директорката Н. Поп-Андова)

Во учебната 2008/2009 нашите ученици земаа активно учество на сите натпревари по сите предмети што се организираа и се здобија со солидни резултати: на Државниот натпревар за македонски јазик и литература освоија две први и едно второ место, математика две втори и две трети места, пинг-понг, прво место, кошарка, трето место и тн.

Ги истакнуваме:
1. Невенка Ридова          5. Менче Мешкова                9. Ивона Крстева
2. Цветанка Митрева     6. Марија Пемова                 10. Трајков Дарко
3. Душица Димитрова    7. Александар Мелов           11. Млади лидери
4. Дане Митрев                8. Билјана Младенова         12. Кошарка- женски 

Сите овие ученици го афирмираа училиштето, градот и републиката и претставуваат гордост и за нивните родители и за училиштето и за Локалната самоуправа. На учениците им беа доделени пригодни награди од директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова, обезбедени од Градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци и градска библиотека „Феткин“ Кавадарци. Со овој чин учениците добија јавно признание за нивниот вложен труд, а се надеваме и мотивација за постигнување на повисоки резултати во иднина.

Програмата беше збогатена со изведба на композиција на пијано и претставување на училишниот оркестар под менторство на проф. Драган Вељковиќ. Во музичко-рецитаторскиот дел учениците подготвени од наставниците по странски јазици, ја рецитираа познатата песна „Т`га за југ“ на англиски, француски, германски и македонски јазик. 

Актерката Милица Гочевска се претстсави со извадок од театарската претстава „Г-ѓа Министерка“. Наши ученици во придружба на естрадните уметници Цветанка Глигорова, Ано Јосифов и Јован Радњански изведоа неколку забавни нумери. Се прикажа и извадок од театарската претстава „Оскар“ (комедија) во режија на проф. по македонски јазик и литература Костадин Прокопов, во изведба на ученици од гимназијата. Премиерата се одржа на 16.11.2009 година (понеделник) во Домот на културата. 
Во кореографија на Билјана Грозданова-Ивановска, балетската група „Венус“ , ученици од гимназијата изведе балетска точка (модерен балет). 

Во фоајето на Домот на културата пред присутните гости беше отворена хуманитарната продажна изложба на фотографии од ученици, под менторство на проф. по ликовна уметност Гоце Јосифов. Средствата собрани од фотографиите беа донирани за операција на малата Мартина од Кавадарци која боледува од леукемија. Беа наградени најдобрите три фотографии. Марјан Костов, ученик во четврта година и автор на три стихозбирки, во знак на благодарност за минатогодишната промоција на втората збирка и додели неколку примероци од последното свое дело на директорката на гимназијата. Гостите имаа можност да ја погледнат презентацијата на лцд проектор за патронот Добри Даскалов изработена од наши ученици, а под менторство на проф. по историја Наташа Матакова и проф. по информатика Благородна Лазова. 

На 13.11.2009 година (петок) во 10 часот, пред присутните гости и вработените, во училиштето директорката Невенка Поп-Ангелова и вработени од гимназијата положија свежо цвеќе пред бистата на патронот 

По презентацијата за патронот Добри Даскалов, се одбележа Денот на дрвото. по повод акцијата за зелена и чиста Македонија и беа засадени неколку дрвца. Во 11 часот на спортските терени на гимназијата од страна на ученици под менторство на проф. по спорт и спортски активности Блаже Велков, Блашко Клинчаров, Тимче Пецов и Илија Шиков, беше промовирана спортската активност – возење ролери, како и презентација на проект за логорување. По ова, следуваше и свечено отворање на лигата на класното првенство во фудбал. 

Севкупниот впечаток е дека прославувањето беше одлично, културно-уметничката програма беше навистина извонредна и успеа да предизвика низа пријатни емоции кај сите присутни. Организациониот одбор може да биде горд за сите преземени активности кои допринесоа за успешното одбележување на патронатот.