Патрониот празник на гимназијата одбележан со низа настани


Објавено на: 13.12.2012

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци годинава одбележа 100 години од смртта на Добри Даскалов и 130 години од раѓањето на патронот.

Подготовките за прославата на патрониот празник започнаа уште во месец септември, со цел достојно одбележување на патронот. За присуствување на прославата на патрониот празник беа изработени покани од страна на ученици под менторство на професорите по македонски јазик и литература, кои воедно го подготвија и сценариото за активностите.

Чествувањето на патрониот празник започна на 13.11.2012 година (вторник) во 12:00 часот кога во холот на училиштето пред присутните гости, градоначалникот, вработените и учениците беше положено свежо цвеќе пред бистата на патронот од страна на директорката г-ѓа Невенка Поп-Ангелова, членови на семејството, наставници и ученици.

Следуваше трибина за „Животот и делото на Добри Даскалов“ која се одржа во кино-салата на училиштето во присуство на ученици, наставници, градоначалникот и други гости. На трибината реферираа: г-дин Петре Камчевски – директор на Музеј-Галерија Кавадарци и професорот по историја Блаже Јованов. На крајот од трибината сите присутни имаа можност да поставуваат и прашања.

Потоа, на спортските терени беше отворена Лигата на класни првенства во мал фудбал под менторство на професорите по спорт и спортски активности.

Одбележувањето на патрониот празник на гимназијата продолжи и со низа настани во месец декември.

Од страна на учениците и нивните ментори беа подготвени два проекта, и тоа: мјузиклот „Во ритамот на љубовта“ и мултимедијалниот проект „Синкретика“.

На 7 Декември 2012 година (петок) во 19:00 часот во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци премиерно беше прикажан мјузиклот „Во ритамот на љубовта“ којшто го изведоа 35 ученици под менторство на проф. по македонски јазик и литература Кочо Кочов. Овој проект изобилува со младост и убавина, прекрасна музика, извонредна кореографија и костимографија. Овој мјузикл го освои првото место на VII меѓународен фестивал на таленти „Утринска ѕвезда“ во Банско – Р.Бугарија.

Slika_1

На 8 Декември 2012 година (сабота) во 19:00 часот во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци учениците од прва до четврта година членови на проектната активност по Литературни клубови и дрмаски секции, но и други ученици слободно вклучени во оваа проектна активност, со голем успех премиерно го изведија мултимедијалниот проект „Синкретика“ кој беше подготвен под менторство на професорите: Ристенка Јосифова, Драган Вељковиќ и Васка Петкова, како и со помош од надворешните соработници: Диме Коцевски и Билјана Грозданова-Иванова со групата „Венус“. За сценографијата беше задолжен проф. по ликовна уметност Горан Боев.

2

„Синкретика“ е уметнички проект, спој на текст, музика, игра и видео слика во којшто преку развојот на јазикот, литературата, музиката и сликата се редат периоди од првобитното општество, па сé до денес. Проектот изобилува со прекрасни извадоци од драмски текстови и музика од најпознати светски композитори. Костимографијата беше целосно вклопена во сите точки од проектот.

3

Овој проект е единствен од ваков вид досега, не само во нашиот град, туку и во Републиката. Проектот има културен, уметнички и едукативен карактер. Благодарение на големата поддршка и иницијатива на директорката г-ѓа Невенка Поп-Ангелова и на генералниот спонзор „Кожувчанка“, овој проект доживеа триумфален успех на својата премиера. Во „Синкретика“ како мултимедијален проект учествуваа околу сто ученици и сите тие заедно со своите ментори и надворешни соработници заслужуваат голема пофалба.

И на двата настана со свое присуство не удостоија: семејството на македонскиот револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов, градоначалникот на Општина Кавадарци г-дин Александар Панов, советниците на Советот на Општина Кавадарци, претставници од БРО, просветниот инспекторат, гости од училиштата со кои имаме постојана соработка од: Сандански, Углевиќ, Крагуевац, Скопје, членови на Училишниот одбор, членови на Советот на родители, претставници од организации, институции, бизнис секторот, претставници од основни и средни училишта од градот, пензионерите и други гости.

На влезот во Домот на културата на сите гости им беа поделени флаери за мултимедијалниот проект „Синкретика“ подготвени од ученици и флаери за хранливата вредност на тиквата, изготвени од проф. по биологија Богде Коцева и Јасминка Ризова – училиштен педагог.

Прославата продолжи во фоајето на Домот на културата каде беше поставено пано на тема: „Тиквата – симбол и кралица на есента“. На паното имаше поставено цртежи и текстови во кои беа прикажани карактеристиките на тиквата. Паното беше изработено од страна на учениците од прва и втора година, а под менторство на членовите на еко-одборот.

4

Беше подготвена и еко-трпеза на која имаше поставено традиционални и модерни јадења од тиква. Специјалитетите беа подготвени од страна на професорите, членови на еко-одборот и ученици. Имаше подготвено и благи и солени рецепти од тиква, како: печена тиква, бомбици, зелник од тиква, баник од тиква, пецива од тиква, тикварник, штрудла од тиква, солена пченкарна погача со тиква, колач од тиква, мињони од тиква, мрсна торта од тиква, переци од тиква и друго. Прекрасната трпеза беше декорирана и аранжирана во боите на есента и изобилуваше со украси, икебани од тиква, свеќници, свеќи, лејки и разни видови на тикви.

Активностите, декорацијата и рецептите за еко-трпезата ги подготвија наставниците: Богде Коцева, Роска Трајкова, Јасминка Ризова, Снежана Миховска, Душанка Иванова, Валентина Димитрова, Елизабета Иговска, Александра Ристова, Анастазија Костова, Гордана Еленова, Благородна Лазова, Даница Пецова и Јованка Миладиновска.

Ова беше едно несекојдневно претставување на храна која е приготвена од плод кој е здрав и изобилува со многу минерали и витамини.

5

Присутните гости со задоволство ја вкусија храната и разменуваа рецепти за истата. Идејата за изготвувањето на флаерот, паното и трпезата се дел од вклучувањето на училиштето во проектот „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ и кампањата „Здрава храна за живот без мана“.

Јубилејното прославување на патронот на нашето училиште помина во знакот на културниот, едукативно-образовниот и воспитниот момент што се најбитни за секоја образовна институција. Можеме да бидеме само горди на учениците и наставниот кадар кои несебично ја дадоа својата поддршка ова значајно одбележување да го достигне својот максимум.

Галерија на фотографии тука

Плакат од мултимедијалниот проект „Синкретика“ можете да погледнете тука

 Плакат за „Тиквата- симбол и кралица на есента“ можете да погледнете тука