Патрониот празник на училиштето -празник на младоста, трудот и успехот


Објавено на: 15.11.2013

„Нашата борба е борба на целиот наш народ. Таа ја расчистува темнината и носи светол сончев ден – слободата…“-Добри Даскалов

Секоја генерација има своја битка – беше мото на свеченоста со која СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ на 13 и 14 ноември го чествуваше својот патронен празник. Празнично чувство кај вработените и учениците затоа што го прославија раѓањето на големиот револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов чие име денес со гордост го носи нашата гимназија.

PB130442

Со чувство на најдлабока почит кон делото на Добри Даскалов пред неговата спомен-биста во училиштето свежо цвеќе положија директорката и вработените, членови на неговото семејство, претставници од Локална самоуправа и ученици од ученичката заедница на училиштето.

PB130450

На почетокот од свеченоста училишниот хор ја отпеа химната на Република Македонија, а потоа директорката на Гимназијата Невенка Поп Ангелова им се обрати на присутните истакнувајќи дека мислата на Даскалов„Ние не се бориме за себе туку за својот народ“ е мисла што не мотивира и води да работиме добро во ова време на брз технолошки развој, глобализација и големи реформи во образованието. Во училишниот двор се одбележа почетокот на класното првенство. Во чест на патронот во кино-салата во Гимназијата беше одржана трибина „Дали сме сами во вселената“ чиј предавач беше проф.Стојмир Силјановски.Преполната сала беше доказ дека насловот на трибината е интересен за гостите и учениците. Дебатирањето за почетокот на светот,човековото битисување низ вековите како и вечните прашања од каде сме, дали сме сами или има друг паралелен живот во вселената го задржаа вниманието на присутните.

 2013-11-13 12.32.35

Претесна беше салата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ за да ги собере присутните кои на 14 ноември со свечена академија го славеа вториот дел од својот патронен празник.Во пријатна атмосфера со свечен тон преку изведбата на химната на Република Македонија од страна на училишниот хор под менторство на проф.Златко Смилевски започна прославата. Биографски податоци за тиквешкиот војвода Добри Даскалов интерпретираа учениците Ангел Спанџев и Анастасија Еленова, кои истакнаа дека се горди што учат во ова училиште кое е расадник на трајни знаења и вештини .Директорката на Гимназијата Невенка Поп-Ангелова во својот говор ги поздрави сите успеси на учениците и наставниците, ја истакна благодарноста до градоначалникот Александар Панов,Локалната самоуправа,Министерството за образование и Владата на Република Македонија за нивната поддршка за подобрување на условите за учење и работа на училиштето.

 IMG 0288

Во своето обраќање Поп-Ангелова истакна:„Гимназија„Добри Даскалов“ ќе биде домот кому секогаш со задоволство ќе му се враќаме.Затоа што многумина од нас тука ги стекнаа корените на тоа што се денес-успешни луѓе со успешна кариера.Наша задача е традицијата да ја сочуваме и пренесеме на идните генерации како нешто свето,како жив оган.. Почитувани ,мора да се сложите со мене дека вложувањето во нашите ученици е најисплатливата инвестиција во младоста и иднината на нашата земја“.

 IMG 0304

Како традиција на свечената академија беа врачени награди на учениците кои минатата учебна година успешно го афирмирале училиштето на државни и меѓународни натпревари во различни области: македонски јазик и литература, математика, француски јазик,спорт,најдобра реклама и др.Наградени беа учениците: Цветанка Сапунџиева, Елица Петрезанова , Душко Клинчаров,Ѓорѓи Досев,Анѓел Спанџев Марјана Јаневска,Стефанија Таевска,Анастасија Еленова Елица Бошева,Цветанка Трифунова Ѓорѓи Белевски и Дајана Ѓелова .Наградите кои им ги додели директорката Невенка Поп- Ангелова беа обезбедени од градската библиотека „Феткин“.

 IMG 0317

Присутните во салата вистински уживаа во звуците на познати музички дела од областа на класичната музика во изведба на учениците од училишниот оркестар.Големиот труд вложен од страна на учениците и нивниот ментор проф.по музичка уметност Драган Вељковиќ прикажан преку јазикот на музиката ги воодушеви гостите во салата кои не го штедеа аплаузот за младите уметници,гордост на училиштето и градот Кавадарци.Звукот на пијаното со темата Take five во салата одекна под прстите на ученичката Милица Мурџева.Свој соло настап имаа и ученичките Жанета Тренчева на флејта и Александра Петревска на виолина придружувани од пијано изведба на својот професор Драган Вељковиќ.Оркестарот на училиштето настапи со композицијата Cinema Paradizo.

Многу професионално,посветено и трудољубиво….

 IMG 0290

IMG 0327

Крајот на прославата беше резервиран за театарскиот ораториум„Света песна“ според истоимениот текст на македонскиот поет Анте Поповски.

„Света песна“во македонската поезија можеше да ја напише само Анте Поповски.Во неа тој размислува за исконот, за древноста и низ неа ја открива не само сегашноста ,туку и нешто многу повеќе, ја открива вечноста.Околу 50 ученици од втора и трета година преку четири сцени ја прикажаа големата драма на човековото битисување.Од времето на Адам и Ева, Каин и Авел поделени се времето на животот и времето на смртта, времето на Еросот и Танатосот.На сцената беа прикажани последиците од првиот грев на човекот,братоубиството,се говореше за осаменоста на човекот и злите сили кои раководат со него.Од друга страна на злото и краткотрајноста на животот им се спротиставија словото,зборот,соништата на луѓето и вербата во себе.Преку најнеизвесните енигми на егзистенцијата беше испратена пораката на театарскиот ораториум„Света песна дека после се останува само делото на рацете,трудот,зборот и соништата.Во нив е собрана вечноста,нашето траење,во нив е човековата победа на животот над смртта.
Ниту владетелите,ниту најголемите императори биле повеќе почитувани од обичниот смртник кој ќе создаде нешто,ќе напише ,ќе ги почитува другите луѓе околу себе и ќе остави нешто трајно за се уште неродените,недојдените преку кои ќе живее и тој.Учениците под менторство на професорите по македонски јазик и литература Катица Манева и Васка Петкова, на сцената поставија ремек дело на македонската литература.Присутните можеа да слушнат вистинско ораторство од страна на учениците:Клинчаров Душко,Маневски Павле, Богевски Никола, Тодоров Крсте, Тасева Мирјана,Стојанова Љубица,Силева Даниела и Стојанова Станка.Учениците од драмската секција сценски ги оживеаја нивните зборови.Ораториумот никого не остави рамнодушен.Присутните ги наградија учесниците со громогласен аплауз кој за нив претставува поттик за понатамошни докажувања.

IMG 0343

IMG 0346

Гимназијата достојно го прослави својот патронен празник и навистина се гордее со трудот и успесите на сегашните ученици кои ја продолжуваат традицијата и успешната приказната која трае.

IMG 0353