Регионален успех на гимназијалците-математичари


Објавено на: 16.02.2020

Во просториите на СОУ Гимназија„Добри Даскалов“на 08.02.2020 година се одржа 43 регионален натпревар по математика. Своите математички сили и знаења ги покажаа ученици од Кавадарци, Неготино, Велес, Валандово и Гевгелија.Нашето училиште го претставуваа учениците:Мајкл Георгиевски,Бошко Бошков и Стефан Милков-ученици во прва година,Михаела Темелкова-втора година и Димитар Манчев-трета година.Ментори на учениците беа професорите по математика: Соња Попова,Фиданка Илова и Силвана Петкова.

Директорката на училиштето-домаќин на регионалниот натпревар, Невенка Поп-Ангелова ги поздрави сите присутни ментори и ученици, им посака голем успех на натпреварот и успешно претставување на регионот во понатамошните натпревари.На младите математичари им посочи дека избраниот пат е вистинскиот, дека во минатото таа била на нивно место, учесник на математички натпревари, а сега во улога на поддршка и инспирација, со позитивна мисла дека секој успех е триумф на упорноста. Во своето обраќање истакна дека СОУ Гимназија“Добри Даскалов“-Кавадарци е расадник на талентирани ученици-млади математичари.Училиштето зад себе има долга и богата традиција на успешна математичка дејност. Гимназиското образование во ова училиште започнува од 1897 година и во овие 127 години завршиле околу 11000 ученици.Покрај општествените науки, во училиштето математиката е водечка област која учениците со задоволство ја одбираат да ја изучуваат и да стекнат вештини кои ќе им донесат светла иднина.Учениците своите знаења ги претставуваат на полето на натпреварите од 1973 година и се стекнуваат со награди на општински, регионални, државни, меѓународни натпревари и олимпијади.Во овие 40-на години околу 130 гимназијалци се натпреваруваат на државни натпревари и успешно го афирмираат училиштето СОУ Гимназија“Добри Даскалов“ и градот Кавадарци. Успешниот математички кадар во гимназијата со години наназад ги води младите луѓе желни за знаење преку логичко размислување и заедно ги откриваат тајните на математиката. Менторите се посебно горди на 20-ната ученици кои во годините изминати зедоа учество на oлимпијади и меѓународни натпревари на кои успешно ја претставија Македонија.

На регионалниот натпревар од нашето училиште награди освоија учениците:Мајкл Георгиевски(I награда) и Бошко Бошков(II награда).Традицијата на училиштето продолжува преку младите и талентирани математичари кои преку способноста за дедуктивно расудување уште еднаш потврдуваат дека математиката е основа на се,темел на сите науки.Наградените ученици и учесниците од училиштето беа кај директорката на училиштето која им честита на успехот,ги охрабри да продолжат со трудот и упорноста и им додели книги кои ќе им бидат убав спомен и надоградување на нивните знаења од различни области.