Сања Василова – ученичка во гимназија „Добри Даскалов“, една од седумте најдобри матуранти по математика на Државна матура

Оваа година седум ученици од нашата земја се истакнаа на државната матура по предметот математика со нивните одлични оценки и перцентилен ранг од 99, 97, покажуваат статистиките на Државниот испитен центар.
Станува збор за матурантите: Сања Василова од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Бојан Димовски од „Коле Неделковски“ во Велес, Снежана Колева од „Јахја Кемал“ во Скопје, , Ребека Манева од „Коле Неделковски“ во Велес, Драгана Петрова од „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, Алек Крстев од „Орце Николов“ во Скопје и Ангела Ристовска од „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Според Сања, клучно за нејзиниот успех е следењето на инстинктот, љубовта кон математиката, желбата и задоволството.

Матурантката Сања Василова од Кавадарци смета дека за успех во математиката, покрај трудот, е потребен и талент.

– За да запловиш во водите на математиката, освен труд, потребен е и талент, кој се поседува од мали нозе. Сите сакаме да го искористиме талентот што го поседуваме и да се избориме за посакуваната позиција во општеството бидејќи ќе се најдам на патот кој ќе зависи само од мене и јас ќе бидам креаторот на мојата иднина – вели таа.

Вели дека самостојно се подготвувала за испитот по математика и дека доволно се подготвувала во текот на четирите години и немала потреба од приватни часови. Таа се двоуми помеѓу Природно-математичкиот факултет, насока математички студии во Скопје, и ФИНКИ, иако смета дека за неа е пресудна љубовта кон математиката.
Целосниот текст на fakulteti.mk