Им посакуваме Среќна матура на нашите ученици

Уште една генерација матуранти од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ успешно го завршува своето образование, за жал во поинакви околности! Во моментот не можеме да ја промениме ситуацијата во која се најде светот, но можеме да ја промениме нашата сегашност, со позитивна мисла и верба во подобра иднина за сите нас. Искрено се надевам дека овие млади луѓе убавината, среќата и задоволството ќе ги пронајдат во убавите спомени и знаењата со кои се стекнаа изминатите четири години поминати во училиштето.

 

Меѓу сите ученици, со свој ангажман и бројни наставни и воннаставни активности, најмногу се истакнаа следните ученици:

1. Анастасија Иловска, од гимназиско образование, чиј предмет на интерес се научни знаења и достигнувања од Биологија. Се одликува со организациски и лидерски способности. Има учествувано на бројни општински, регионални и државни натпревари, каде до израз доаѓаат нејзините знаења од оваа природна наука. Во учебната 2016/2017 година има освоено II (втора) награда на Државен натпревар по Биологија. Во учебната 2017/2018 година има освоено III (трета) награда на Државен натпревар по Билогија. Во учебната 2018/2019 година има освоено III (трета) награда на Државен натпревар по Биологија. Во учебната 2019/2020 година има освоено II (втора) награда на Општински натпревар по Биологија, со што се пласира за Регионален натпревар. Ученичката има многу воннаставни активности (екологија, хуманитарни акции, меѓународна размена на ученици, проекти).

 

 

 

2. Бранкица Несторовска, од стручно образование, правен техничар, чиј предмет на интерес се научни знаења и достигнувања од општествените научни дисциплини, конкретно, правните наставни предмети. Се одликува со елоквентност и лидерски способности. Ученичката има учествувано на многу државни натпревари од областите на правото и економијата. Во учебната 2017/2018 година има освоено III (трето) место на Државен натпревар „Образовно рандеву” за Јавно говорење. Во учебната 2019/2020 година има освоено I (прво) место на Државен натпревар „Лидер во струка” за профилот:  правен техничар и  I (прво) место на ниво на струка, па со право ја носи титулата „Лидер во струка” за економско-правна и трговска струка, на ниво на држава, за учебната 2019/2020 година. Ученичката има многу воннаставни активности (работилници, ораторство, водител на училишни проекти).

 

3. Јован Манчев, од гимназиско образование, чиј предмет на интерес се научни знаења и достигнувања од Математика и Информатика. Се истакнува со математички и информатички вештини, логичко и рационално размислување. Секогаш спремен да им помогне на другите. Има учествувано на бројни натпревари во горенаведените наставни дисциплини. Во учебната 2019/2020 година има учествувано на Регионален натпревар по Информатика „МЕНДО” и оствари високи резултати. Го сака програмирањето.

 

 

4. Добринка Сотирова, од гимназиско образование, чиј предмет на интерес се голем број природни и општествени науки, а особено се истакнува по своите спортски вештини, во дисциплината: Пинг-понг. Во учебната 2017/2018 година има освоено II (второ) место, а во учебната 2019/2020 година има освоено III (трето) место на Државен натпревар во Пинг-понг. Го сака хорското пеење и драмското изразување на сцена. Има учествувано во многу воннаставни активности преку кои се изразува креативно.

 

 

5. Македонка Бинова, од гимназиско образование, чиј предмет на интерес се  научни знаења и достигнувања од областа на Математика и Биологија. Има учествувано на бројни општински, регионални и државни натпревари по Математика и Биологија, каде ги покажува своите математички вештини и љубовта кон природните науки. Има освоено многу награди меѓу кои: III (трета) награда на Регионален натпревар по Математика во учебната 2017/2018 година, III (трета) награда на Општински натпревар по Математика во учебната 2018/2019 година, II (втора)  награда на Државен натпревар по Биологија во учебната 2018/2019 година и други. Ученичката има многу воннаставни активности (работилници, семинари).

 

 

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети

 

Драги матуранти,

Сакам од срце да Ви честитам на сите што храбро и достоинствено го изодивте патот наречен средношколско образование. Денес рамо до рамо стоите до своите врсници од цела држава и наскоро ќе бидете нашите идни академски граѓани. Многу работи научивте,работи со кои еден ден ќе се гордеете. Научивте како да станете вистински луѓе кои ќе ги красат моралот, добрината, хуманоста, насмевката, професионализмот и човечноста. Ние горди како училиште Ве испраќаме и Ви посакуваме се најдобро во животот. Кога ќе бирате страна  изберете го доброто, секогаш правете ги работите подобро од претходниот пат, стремејќи се кон најдоброто.

Градацијата добро,подобро,најдобро нека биде вашето мото.

Во секој од вас се крие гениј кој чека да биде откриен пред светот,а истиот тој свет им прави пат на способните, луѓето со идеи,упорност во работата, полни со знаење и самодоверба.На тој гениј ќе му биде важно тоа што го дал од себе да го направи светот поубаво место за живеење.

Дозволете си да стекнете врвни знаења, да стекнете нови пријателства кои траат цел живот.Обојте го денот со најубави бои. И кога ќе се свртите наназад ќе видите многу радост, смеа, безгрижност, другарство, амбициозност, младост,многу професори кои беа дел од вашето созревање.Затоа што животот не се деновите што поминале,туку тие што сме ги запаметиле.Гимназијата ќе ве памети уште долго,долгооо…и ќе Ве очекува заеднички да се радуваме на сите извојувани животни битки.Заминувате кон  нови победи.Ние остануваме.Да пречекаме други ученици во септември кои ќе треба да ги советуваме, да ги насочуваме и да им помогнеме да созреат.Секоја генерација има посебно место во нашите срца.

Иако оваа година нема традиционално да го прославиме крајот на средношколското образование, со  најтопли насмевки ќе се поздравиме, во овие мигови пред овој најголем испит на зрелоста и ќе си ветиме дека пак ќе се видиме секогаш кога ќе има за убави нешта да поразговараме.Со среќа во вашето високо образование и замислени цели! Бидете успешни, среќни во професиите кои ги одбравте.Со широко отворени очи сонувајте го својот сон! Бидете најдобри!!! Среќна матура!!!

Невенка Поп-Ангелова, директор на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“