„Техно Ѕвезда“ повторно блесна пред бугарската публика


Објавено на: 17.04.2011

Претставата „Техно Ѕвезда“ по петти пат беше успешно поставена на театарска сцена. Двапати во Кавадарци, потоа во Банско, Велес и на крај во градот Сандански – Бугарија.

TehnoZvezdaSandanski_4Задоволни од успехот што „Техно Ѕвезда“ го постигна на претходното гостување, нашите пријатели од гимназијата „Јане Сандански“ од Бугарија посакаа уште еднаш да ја видат Техно Ѕвезда како блеснува на сцената и тоа во чест на 96 годишнината од смртта на Јане Сандански. Така ја добивме поканата да бидеме гости на патронот на градот и на гимназијата во Сандански.

Патувањето го започнавме возбудени, поради убавите спомени кои ги понесовме од претходното, па очекувавме уште еден незаборавен викенд исполнет со дружење и забава. Освен тоа, знаевме дека ова е наша последна можност да патуваме заедно со нашиот ментор Катица Манева која ни овозможи да откриеме уште една страна од нашето пријателство.

TehnoZvezdaSandanski_2

Иако преморени од патувањето, се погриживме да ја одиграме претставата во најдобро светло. Дека тоа го направивме со успех, покажа и фактот што пред вратата на соблекувалната во Домот на културата од градот Сандански не дочекаа одговорните лица, како и многу ученици кои не ги штедеа своите пофалби и од срце ни честитаа охрабрувајќи не да продолжиме со успехот.

По завршувањето на претставата завршија нашите обврски, но дружењето не застана тука. Наредните два дена беа едни од најубавите поминати заедно во изминатите четири години. Посебно задоволство ни беше тоа што имавме можност да се запознаеме со убавините на Пиринскиот дел на Македонија, го посетивме гробот на Јане Сандански, Рилскиот манастир и градот Мелник кој блескаше во празнично расположение по повод годишнината од смртта на Јане Сандански.

TehnoZvezdaSandanski_3

Нашето кратко патување заврши, но со нас го понесовме задоволството од она што го посетивме, од убавите моменти поминати заедно, како и топлото гостопримство кое ни го пружија нашите домаќини. Со ова патување се заокружи нашиот проект, „Техно Ѕвезда“ стана една целина која ни докажа дека вложениот труд секогаш се исплатува.

TehnoZvezdaSandanski_1