Одржан XXXVI регионален натпревар по математика


Објавено на: 18.02.2013

На 16 февруари 2013 година (сабота) СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ беше домаќин на XXXVI регионален натпревар по математика за учениците од средното образование во учебната 2012/13 година. На натпреварот учество земаа 147 ученици од Кавадарци, Неготино, Богданци, Валандово, Гевгелија и Велес а истиот беше поддржан и од Градоначалникот на Општина Кавадарци. Целта на ваквите натпревари е да се поттикне натпреварувачкиот дух кај учениците и желбата за учење на математиката и понатамошна определба на учениците за студирање на техничките факултети.

Natpr matematika fev 2013

Натпреварите по математика претставуваат квалитетен начин на избирање на најталентираните ученици од оваа дисциплина за да можат да продолжат да ја афирмираат нашата држава на меѓународните натпревари.

Од нашето училиште се натпреваруваа повеќе ученици меѓу кои најдобри резултати покажаа учениците Ѓорѓи Шемов од II-3, Ѓорѓи Досев од III-5 и Љупчо Петров од IV-4 со освоени III награди и Александар Тренчев од I-1 и Роберт Иванов од III-3 со освоени пофалници.

Нашето училиште отсекогаш било расадник на знаења по различни предмети, а наши ученици достојно го афирмираат нашето училиште и нашата земја на многу меѓународни натпревари и олимпијади. Помеѓу нив можеме да ги издвоиме освоените први награди на државните натпревари по математика на нашите поранешни ученици Стојанчо Ганчев, Зоран Мирчевски, Борче Петров и Влатко Димитров и освоените први места на олимпијади на Александар Печков и Јулијана Ѓорѓиева.