При изборот на сопствената професија, учениците треба да ги следат сопствените импулси
Објавено на: 12.05.2010
Дебатите на тема „Мојата идна професија“ организирани за учениците – матуранти досега се покажаа како исклучително успешна реализација за што потврдуваат интересот и присутноста на учениците.
Четвртата по ред дебата се одржа на 12. 05. 2010 год. (среда), во 13:00 часот во Кино-салата на училиштето, при што со своето присуство не удостоија проф. д-р РозалинаПопова-Коскарова, професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и м-р Билјана Митрева, генерален менаџер на Alliance One Macedonia, АД Кавадарци. Гостите мошне инспиративно говореа за остварените успеси и несебично ни ги пренесоа сопствените искуства и амбиции кои и понатаму ќе не мотивираат.
М-р Билјана Митревска ја отвори дебатата споделувајќи ги со нас значајните моменти од нејзините денови како студент по англиски јазик и книжевност како и етапите од нејзиното професионално и интелектуално доусовршување. Говорејќи за сопствената професионална определба и работните предизвици, таа начна уште една дискутабилна тема за бенефициите од стратешкото управување со човечки ресурси. Своето изнесување го заокружи упатувајќи им совет на учениците да ги следат сопствените импулси и да не дозволуваат туѓите желби да ги компромитираат при изборот на идната професија.
Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова ни ја претстави својата професионална биографија како и нејзините афинитети при изборот на нејзината студиска определба. Запознавајќи не со нејзините искуства од студентските денови, па сè до докторската дисертација, ни ја потенцираше фундаменталната потреба за постојано надградување на сопствениот интелект, како и значењето на комуникативноста, компетитивноста и конкурентноста како индивидуални квалитети. На самиот крај ни посочи на елементарноста на познавањето странски јазици и важноста на неформалното образование и системите за сертификација. Како автор на повеќе книги, проф. д-р Розалина Попова-Коскарова ù подари на Гимназијата некои од своите наслови, кои ќе заземат почесно место во училишната колекција.
Педагогијата, странските јазици и книжевноста како солидна алтернатива при избор на студии во понатамошното образование беа предмет на расправа со којшто го заклучивме остварувањето на уште еден добро осмислен проект.