Претстава за паметење
Објавено на: 09.02.2011
Во пресрет денот на вљубените и во духот на празничната љубовна магија, на 9 февруари со почеток во 18 часот ние младите од нашиот град бевме пријатно изненадени од еден редок културен настан.
Имено, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше изведена театарската претстава „Ревизор“ од Гогољ. Ова гостување на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ е продолужвање на веќе започната соработка со нашата Гимназија на крајот од 2010 година, кога пред учениците од велешката гимназија беше изведена театарсаката претстава „Техно ѕвезда“ од Томислав Османли. Заемната соработка помеѓу нашето училиште продолжува, со цел да им се овозможи на учениците од Велес и тие да го покажат своите актерски способности и квалитети пред многубројната публика.
Младите актери имаа можност не само да го покажат својот талент, туку истовремено и да се забавуваат и да споделуваат прекрасни моменти за паметење. Претставата забележа голема посетеност, а салата на Домот на културата во Кавадарци беше претесна за да ги собере сите љубители на театарот од младата генерација. Одличната глума на младите актери – аматери публиката ги награди со долг и силен аплауз.
Претставата ни остави силен впечаток и беше вистински празник за очи и душа. Нашите врсници од Велес ја оправдаа довербата во нивниот квалитет и талент и со тоа го направија задоволство на присутните комплетно.