СОВЕТУВАЊЕ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА ПОД МОТОТО „ СТАВИ ПОЈАС“


Објавено на: 27.02.2020

Во организација на Републичкиот совет за безбедност на патиштата (РСБСП) на ден 26.02.2020 година во просториите на училиштето СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци се одржа советодавно предавање за превенција во сообраќајот на патиштата под мотото „Стави појас“.

Владимир Лазаров-Секретар на републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, Ристо Манчев-заменик Секретар, Љупчо Лазов-Претседател на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот  и Горан Ристиќ-самостоен инспектор за превенција во сообраќајот од Полициска станица  Кавадарци, пред учениците од III (трета) и IV (четврта) година а во присуство и на професорите:Татјана Ралевска професор по правни предмети, Елизабета Бошкова, Игор Миовски професори по филозофија и Јасминка Ризова училишен педагог ги истакнаа причините за користењето на сигурносниот појас не само кога се возачи туку и кога се патници. Секој од нас има обврска да стави појас без разлика дали е сопатник на предните седишта или на задните седишта.

Пред учениците беше презентиран  и табеларен приказ  со податоци од спроведени истражувања во поголемите градови во Македонија од каде што можеа да утврдат дека најголем број на смртни случаи при сообраќајните незгоди се поради некористењето на сигурносниот појас.

Беа проследени и два видео спота каде што на сликовит начин се прикажани две слични ситуации при сообраќајна незгода со таа разлика што во првиот случај патниците и возачот на користат сигурносен појас  а во вториот случај користат сигурносен појас. Резултатот од некористењето на сигурносниот појас во првиот случај е загубата на човечки животи.

Горан Ристиќ-самостоен инспектор за превенција во сообраќајот од Полициска станица Кавадарци ги запозна учениците со активностите и мерките што ги презема полициска станица Кавадарци за превенција во сообраќајот на патиштата и им порача секогаш да користат сигурносен појас во сообраќајот на патиштата дури и на најкратките патувања затоа што цената како казна што ќе ја платат поради неставањето на појас е неспоредлива со загубата на човечкиот живот.

На крај од предавањето, на сите присутни ученици им беше доделен едукативен флаер со препораки за однесување во сообраќајот како и освежувач во автомобили со мотото „ Стави појас“.