Со завршувањето на учебната година започнаа интензивните активности за целосна реконструкција на спортската сала во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци. Овој значаен капитален проект се реализира со поддршка на градоначалникот г-дин Митко Јанчев и Општина Кавадарци, кои континуирано инвестираат во создавање подобри услови за образование и развој на младите.
Во изминатите години училиштето постојано вложуваше во набавка на нови спортски реквизити и опрема, но самата спортска сала немаше претрпено посериозна реконструкција. Со поддршка од Општина Кавадарци претходно беа целосно реновирани спортските соблекувални, а беа обновени и надворешните спортски терени. Изграден е современ спортско-фудбалски терен со висококвалитетна вештачка трева, нова заштитна ограда и целокупната неопходна инфраструктура, додека кошаркарското игралиште беше целосно обновено. Со реконструкцијата на спортската сала се заокружува процесот на модернизација на спортската инфраструктура во училиштето.
Во рамки на реконструкцијата ќе биде поставен целосно нов спортски под, ќе се обноват ѕидните површини, ќе се модернизира осветлувањето, ќе се инсталира нов систем за греење и вентилација, како и современ систем за противпожарна заштита. Со тоа училиштето ќе добие современа, функционална и безбедна спортска сала која ќе ги исполнува потребите на учениците и наставниот кадар.
Според предвидената динамика, сите градежни работи ќе бидат завршени навреме, така што на 1 септември учениците ќе ја започнат новата учебна година во значително подобрени услови за реализација на наставата по спорт и спортските активности.
Оваа инвестиција претставува уште еден значаен чекор во унапредувањето на условите за работа во Гимназија „Добри Даскалов“ и ќе остане трајна вредност за многу генерации ученици што доаѓаат.





